Conspiracy се македонски треш/хеви метал бенд којшто е оформен во Скопје во 2016 година. Членовите потекнуваат од улиците на урбано Скопје пред се како фанови на метал, рок, хард кор, панк и се што спаѓа во андерграунд музичката сцена. Уште како млади се запишуваат во музичките училишта каде што ги прават првите чекори на своите инструменти, меѓусебно се запознаваат и го започнуваат заедничкото дружење по скопските кафулиња и концертите коишто се одржуваа во тоа време. Тогаш се раѓа идејата за формирање на заеднички бенд и започнува приказната наречена Conspiracy. Во првиот состав членуваат Стефан Трајкоски (гитара/вокал), Давор Капац (соло гитара), Иван Димишков (тапани) и Милош Благоjевиќ (бас). Музиката којашто ја слушаат ги инспирира да започнат да создаваат свои композиции. По победата на фестивалот Лузер Фест, во 2019 година го издаваат деби албумот „Dehumanized“ по што следат настапи во живо низ повеќе градови во Македонија.
Во 2020 година се раѓа еден нов Conspiracy со сосема поинаков звук, енергија, приказна и филозофија. Адриан, Алекс и Раде коишто исто така дел од друштвото од скопските улици решаваат да ја продолжат приказната заедно со Стефан, па новата формација на Conspiracy сега ја сочинуваат Стефан Трајкоски (гитара/вокал), Адриан Петров (соло гитара), Александар Стефановски (тапани) и Раде Биковски (бас). Со заедничка креација и нова енергија се раѓа и првата заедничка композиција на Стефан, Адриан, Алекс и Раде наречена „Гнев“ за којашто е изработен и видео запис. Во овој период, новиот состав на Conspiracy настапува на голем број на фестивали меѓу кои позначајни се “Dfest”, „Востание 6“, „Здраво Млади“, „Земјотрес“, „Рудар Рок Фест“, „Metal Discharge“, “Pin Music Conference” и др.
- ID: 5124