Влатко Лозаноски – Лозано (роден на 27 јуни 1985 година во Кичево) — македонски пејач. Заедно со Есма Реџепова, ја претставувал Македонија на Евровизија 2013 година во Малме, Шведска.
Негов прв јавен настап беше како натпреварувач на македонското музичко шоу „Мак Ѕвезди“ со песни од Тоше Проески во септември 2007 година, но за жал не успеа да се пласира во финалето. Еден месец подоцна, тој доби гран при за дебитант на првиот Македонски Радиски Фестивал наречен Ѕвездена ноќ. Ја пееше песната Врати ме, што воедно е и неговиот прв сингл, додека негов втор сингл е Обичен без тебе. Во октомври 2008, со неговиот трет сингл Времето да застане ја доби наградата од жирито на фестивалот Макфест, штипскиот фестивал во Македонија. Во 2009 учествуваше во македонскиот избор за песна на Евровизија со песната Блиску до мене и се пласираше четврт. Во јуни истата година настапи на фестивалот Pjesma Mediterana во Будва, Црна Гора. Во јули, пак, настапи на фестивалот Slavianski Bazar во Витебск, Белорусија каде доби втора награда. Следно, заедно со Магдалена Цветкоска, со песната I’m your angel настапи на фестивалот Golden Wings во Молдавија, каде го освоија второто место. Неговиот прв албум се појави во 2010 година. Истата година учествуваше на македонскиот избор за песна на Евровизија со песната Летам кон тебе, но го освои четвртото место.
- ID: 4752